И покрај протестите на индустријата од денеска во ЕУ стапува на сила забрана за употреба на одредени мастила за тетоважа, а Европската комисија инсистира дека има алтернативи, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Одлуката е донесена во декември 2020 во ЕУ, а стапува на сила денеска: мастилата кои содржат исопропанол не смеат повеќе да се користат. Исопропанолот е хемиска алкохолна супстанца која се користи во речиси сите мастила за тетоважи, како и во бројни други производи за дезинфекција, антисептици и слично.

Европската комисија, врз основа на препораки на европската агенција за хемикалии, утврди дека оваа супстанца предизвикува алергии и иритација на кожата и на очите а може да му наштети и на нервниот систем.

Но тату мајсторите велат дека оваа забрана за нив претставува голем ризик бидејќи супстанцата е присутна во речиси сите мастила и дека е тешко, ако не и невозможно да се најде алтернатива. Тие што ќе продолжат да ги користат забранетите мастила се соочуваат со високи казни или целосно затворање на нивниот бизнис во некои земји членки на ЕУ.

Од Европската комисија денеска порачаа дека нема да има промени во новите рестрикции.

-Примената на рестрикцијата стапува на сила денеска и се ограничуваат опасни хемикалии за тетоважи и трајна шминка за да се заштити јавното здравје, тоа е нашата главна преокупација, изјави портпаролката на Европската комисија, Соња Господинова.

Европската комисија додаде дека “има супститути“ и дека и се остава грејс период на индустријата за да најде алтернативни решенија.

Овие мастила се веќе забранети во седум земји членки на ЕУ, додаваат од Европската Комисија и велат дека “оваа пракса веќе постои“.