Судот во Гент го осуди пластичниот хирург, Џеф Хојбергс, на десет месеци затворска казна, од кои пет условно и осум илјади евра, поради сексистички говор, јави дописничката на МИА од Брисел.
Хојбергс во 2019 одржа говор на Универзитетот во Гент, на покана на католички студенти, во кои меѓу другото изјави дека “жените сакаат привилегии и машка заштита и пари, но не сакаат да ги рашират нозете“, “не можете да ја третирате жената еднакво без да станете роб“, или пак дека на жените “им дадовме машини за перење, куќни помошнички и станаа излишни„.
Овие реченици изговорени на престижен универзитет и пред бројна публика предизвика веднаш бурни реакции кај белгиската јавност, а поднесени беа над 1400 пријави до Институтот за родова еднаквост во земјата.
Пресудата падна денеска во Гент: пластичниот хирург е осуден на десет месеци затворска казна, од кои пет условно и осум илјади евра, за сексизам и дискриминација.
Хојбергс најави дека ќе се обрати пред апелацискиот суд повикувајќи се на “слобода на изразување“.