Папата Франциск денеска ги критикуваше двојките кои одлучуваат да немаат деца, јави ДПА.
-Премногу двојки немаат деца затоа што не сакаат, или имаат само едно затоа што не сакаат повеќе, изјави 85-годишниот свет отец пред голем број верници во Ватикан.
„Но, тие имаат две кучиња, две мачки. Кучињата и мачките го заземаат местото на децата. Да, ве разбирам, тие ве насмевнуваат, но тоа е реалноста“, продолжи лидерот на Католичката црква, пренесе германската агенција.
Цивилизацијата старее и нема хуманост бидејќи се губи богатството на родителството, предупреди тој.
-Оние кои живеат во светот и стапуваат во брак мора да размислуваат да имаат деца, нагласи понтифот.
Да се има деца по природен пат или преку посвојување е ризик, но немањето е уште поризично, додаде тој.
Папата минатата недела кажа дека Италија се соочува со „демографска зима“, кога беа објавени бројките за наталитетот во земјата, а од кој се виде дека тој повторно опаднал.