Седницата на францускиот Парламент на која требаше да се дебатира за новиот ковид закон денеска беше прекината откако опозициските пратеници побараа од претседателот Емануел Макрон да ја објасни својата изјава дека сака да ги налути невакцинираните граѓани.
Макрон во интервју за Ла Паризен, објавено синоќа истакна дека невакцинираните лица се неодговорни и оти планира да им го отежне животот за на крај да се вакцинираат.
Пратениците денеска требаше да ја продолжат дебатата за новиот закон со кој доказот за вакцинација против Ковид-19 ќе биде задолжителен за влез во рестораните, кината и за патување со воз. Но, седницата набрзо се претвори во реакција на изјавата на Макрон.
Претседателот не смее да зборува такви работи. Ја поддржувам потврдата за вакцинација, но не можам да поддржам текст чија цел е да ги налути Французите, изјави лидерот на опозициската конзервативна партија Републиканци, Кристијан Жакоб.
Тој го праша Макрон дали неговата цел е да ги налути Французите, истакнувајќи оти без јасен одговор не може да продолжи дебата.
Со тоа се согласија и другите опозициски пратеници по што побараа од францускиот премиер Жан Кастекс да се појави во Парламентот.