Вакцинираните во Грција кои се заразиле со Ковид-19, потврда за прележана болест ќе можат да извадат и со позитивен резултат од рапид тест, а не со ПЦР како што беше досега, јави дописничката на МИА од Атина.
За невакцинираните, задолжителен е негативен резултат од ПЦР тест.
Претходно сите, и вакцинираните и невакцинираните имаа можност потврдата да ја добијат или со рапид или со ПЦР тест, меѓутоа оваа одлука беше променета и од почетокот на декември, потребен беше негативен резултат од ПЦР тест, а сега одново се направени промени.
За предвиденото петдневно отсуство од работа поради Ковид-19, вработениот, без разлика дали е вакциниран или не, може да достави или рапид или ПЦР тест.
Промени нема во однос на важноста на потврдата за прележан Ковид-19 и како и досега важи 90 дена по првиот позитивен резултат.
Паралелно, во Службен весник на Грција е објавена и одлуката за плафон на цените на ПЦР и рапид тестовите, нешто што од утре стапува во сила.
ПЦР тестовите во приватните клиники и дијагностичките лаборатории не смеат да бидат поскапи од 47 евра, наспроти 60 колку што беше досега, а нависоката цена за рапид тестовите останува десет евра, како во приватните болници, приватните лаборатории и слично, така и во аптеките.
За прекршување на оваа одлука, односно за воведување повисоки цени, предвидена е парична казна од 5.000 евра.