Францускиот претседател Емануел Макрон и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска во Париз изразија загриженост за ситуацијата во Казахстан, каде што претседателот Касим Жомарт Токаев нареди пукање без предупредување.
„Со голема загриженост ја следиме ситуацијата во Казахстан“, рече Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со францускиот претседател.
Макрон и Фон дер Лајен одржаа заедничка прес-конференција по посетата на Комисијата на Париз по повод преземањето на француското претседавање со Советот на ЕУ.
Зборувајќи за безбедносната ситуација во Европа, Макрон и Фон дер Лајен порачаа дека ЕУ не може да се заобиколи во разговорите за европската безбедност, со оглед на тоа што за ситуацијата во Украина разговараат Русија и САД.
„Геополитичката ситуација во регионот бара ЕУ да ја предложи својата визија и да мора да може да седне на маса со другите учесници во разговорите“, рече Макрон.
Урсула фон дер Лајен додаде дека решение може да се постигне сџамо заедно со ЕУ, а Макрон најави дека ќе предложи заедничка визија за безбедносната архитектура на Европа.
Тој додаде дека му предложил на германскиот канцелар Олаф Шолц разговорите за Украина да се одржат во следните неколку недели во т.н. Нормандиски формат кој ги вклучува Русија, Украина, Франција и Германија.
„ЕУ треба да разговара со Русија, а разговорот не значи попуштање“, рече Макрон.
Во јуни минатата година, Макрон, заедно со тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, предложија ЕУ да разговара со рускиот претседател Владимир Путин, но тој предлог не доби поддршка од членките.
„Русија е историски и географски неизбежен фактор“, рече Макрон.