Француската влада работи на нови мерки за ограничување на растот на цената на струјата, изјави министерот за финансии, нагласувајќи дека Париз сака да го избегне бранот незадоволство на граѓаните што го зафати Казахстан.

„Погледнете што се случува во Казахстан, тоа ни покажува што може да се случи кога цените на енергијата експлодираат, тоа е политички опасно“, изјави министерот за финансии Бруно Ле Мер.

Цените на енергијата се чувствително прашање во Франција. Така, зголемувањето на даноците за гориво во 2018 година предизвика повеќемесечни улични протести кои прераснаа во пошироко антивладино движење.

Цените на енергијата се зголемија ширум светот во 2021 година, а Париз вети дека ќе ги заштити домаќинствата со ограничување на растот на регулираните цени на електричната енергија на само четири проценти во февруари. Во меѓувреме, цените се зголемија уште повеќе, а обидот на Париз да ги замрзне со ограничување на таксите се покажа како недоволен.

„Доколку во наредните денови не најдеме решение за цената на струјата, цената на струјата ќе се зголеми за 35 до 40 отсто за Французите на крајот на јануари“, рече Ле Мер.

„Илјадници работни места се во прашање. Во изминатите две недели работевме дење и ноќе за да најдеме решение кое ќе гарантира горна граница од четири отсто раст на цената на електричната енергија и ќе ги заштити интензивните потрошувачи меѓу компаниите“, додаде францускиот министер за финансии.

Париз ја разгледа можноста државната енергетска компанија ЕДФ да и понуди на конкуренцијата повеќе електрична енергија од нуклеарните централи по поволони цени, така што добавувачите нема да плаќаат високи цени на електрична енергија на пазарите на големо, што исто така влијае на цената на електричната енергија за домаќинствата.

Ле Мер рече дека разговарал со водачот на ЕДФ, Жан-Бернар Леви и со еврокомесарката за конкуренција Маргрете Вестагер, кои допатуваа во Париз со другите членови на Европската комисија заради шестмесечното француско претседавање со ЕУ.