Осветувањето на водите на Охридското Езеро и одбележувањето на големиот верски празник Богојавление-Водици оваа година ќе се одвива со скратена програма и со строго почитување и запазување на мерките за заштита од Ковид-19.
Според она што беше координирано на денешниот состанок на кој присуствуваа градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, претседателот на Советот, претставници од Македонската Православна Црква, на охридските јавни претпријатија, на нуркачките клубови „Амфора“ и „Охрид“, од Капетанија на пристаништа, од Министерството за внатрешни работи и на Црвениот Крст, манифестацијата ќе се одржува само на Водици на 19 јануари.
Традиционално точно во 10 часот од светилникот на Градското пристаништето, Светиот крст во езерото ќе го положи митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, а донесена е одлука дека поради епидемијата на коронавирусот оваа година нема да се одржи никакво одбележување на Денот на рибарите на 20 јануари.
Самите богослужби во охридските парохиски цркви ќе почнат во 7 часот наутро, а литиите од трите цркви „Св. Никола-Геракомија“, „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ и „Св. Георги од Горна Влашка Мала ќе се сретнат на плоштадот Св. Климент Охридски нешто пред 10 часот од каде ќе се упатат на пристаништето. И оваа година е предвидено точно напладне кај месноста „Сараиште“ да се спроведе свето крштевање на верници.
За посвечено одбележување на празникот и забава на верниците на Градскиот плоштад концерт ќе одржи групата „Љубојна“, а од 9 до 15 часот во близина на Капетанијата ќе се спроведува и традиционалната крводарителска акција.
За безбедноста на верниците што ќе влезат во осветените езерски води ќе се погрижат охридските нуркачи кои на 16 јануари ќе спроведат акција за чистење на дното од Охридското Езеро на просторот каде ќе се спроведе положувањето на Светиот крст. Екипи на ЈП „Охридски Комуналец“ се задолжени за украсување на централното градско подрачје во знакот на Богојавленските празнувања.
Инаку, екипи на ЈП „Охридски Комуналец“ веќе го чистат просторот каде ќе се спроведува верската манифестација што секоја година ја следат голем број православни верници од градот, околните населени места и гости од странство.
Поради епидемијата од Ковид-19 минатата година празникот Богојавление-Водици мина без масовно собирање и традиционалното фрлање на светиот крст во водите на Охридското Езеро.