Најголем интерес имаше за градежните парцели во населбата „Касарна" каде од почетните 61 денар за квадрат, продажните цени достигнаа од 1.100 до 1.912 денари за метар квадратен.

Општина Гевгелија изминатава година, по пат на електронско јавно наддавање, ги продаде сите понудени 11 градежни парцели лоцирани во населбите „Караорман" и „Касарна" од кои 10 беа наменети за индивидуални станбени куќи, а една за колективна станбена зграда.

–Најголем интерес имаше за градежните парцели во населбата „Касарна" каде од почетните 61 денар за квадрат, продажните цени достигнаа од 1.100 до 1.912 денари за метар квадратен, а парцелите во ридската населба „Караорман" достигнаа продажни цени од 730 до 2.230 денари за метар квадратен, потврдија денеска од надлежната општинска служба.

За градежната парцела за колективна станбена зграда во населбата „Касарна" се јавил само еден купувач кој понудил цена од 2.827 денари за метар квадратен.

Минатата година во урбанистичкиот оддел биле поднесени и 17 барања од физички и правни лица за отуѓување на државно градежно земјиште со непосредна спогодба од кои седум биле решени, а останатите десет се во постапка за решавање.