Комисија од општина Куманово сè уште одлучува за доделување лиценци за општинскиот линиски превоз, соопштија денеска надлежните од општината. Од 1 јануари годинава општината е без линиски превоз, поради истек на важноста на дозволите на претходните превозници.
Граѓаните од приградските населби, руралните средини, вработените во производните капацитети, сопственици на мали и средни претпријатија од градот веќе 13 дена реагираат поради немање линиски превоз. Тие се жалат на дополнително оптоварување на буџетите за плаќање такси превоз.
Претходно, општината по реакциите на граѓаните и на медиумите излезе со соопштение дека во најкус можен рок, по целосна проверка на поднесените пријави за јавен превоз и утврдување на, како што нагласија тогаш, еколошките и безбедносни параметри на возилата, кои се понудени од страна на превозниците, ќе бидат донесени и соодветни решенија и одлуки, со цел граѓаните на Куманово да добијат градски превоз, согласно сите европски стандарди.
Кумановци беа затечени од одлуката на општината која непосредно пред Нова година објави на општинската веб-страница дека ќе нема јавен превоз поради истек на договорите. Тогаш реагираа и претходно избраните превозници кои кажаа дека објавата за избор била од средината на декември лани, а отворањето на понудите пред нив било на 30 декември. Од општината делумно објаснија дека постапката доцнела поради локалните избори, конституирање на советот, на комисијата.