Во Домот на културата во Македонски Брод денеска беше отворена ликовна изложба насловена „Културно историски споменици, цркви и манастири од Порече“. Автори на изложбата се Цуте Крајчески и Дончо Наумоски, двајцата по потекло од Порече.
-Сезоната на културни случувања во Домот на културата ја отворивме со денешната изложба на фотографии „Културно историски споменици, цркви и манастири од Порече“ создадена од авторите по потекло од овој крај, м-р.Цуте Крајчески, вработен во Архивот на Македонија од село Мало и м-р.Дончо Наумоски, истакна Милена Стојческа, директорка на Домот на културата во Македонски Брод.
Изложбата е составена од 47 фотографии во кои доминираат црквите, спомен обележјата низ поречките села, како и дел на позначајни споменици од времето на НОВ и историјата на Порече.
Дел од фотографиите на изложбата се сликани од височина со помош на дрон, за целосно да се долови впечатокот за овие објекти и споменици.
Љубителите на уметноста ќе можат да ја проследат изложбата во наредните седум дена.