Почна реконструкцијата на основното училиште „Карпош“ од кумановското село Умин дол, соопштија денеска надлежните од училиштето. Реконструкцијата на училиштето опфаќа замена на покривот, објектот ќе добие нова енергетски ефикасна фасада, се менуваат подовите вратите прозорци, инсталација на парно греење, адаптација на санитарни јазли и пристапни рампи за ученици со попреченост и се организира и адаптира училишниот простор. Воедно, реконструкцијата опфаќа нова инсталација и нова водоводна мрежа.

-Очекуваме значително подобри, поквалитетни услови за изведување на наставата. Се надеваме дека ќе заврши во предвидениот рок од четири месеци и очекуваме одлични услови за настава, изјави директорката на училиштето Тања Тодоровска.

Претходно, претставниците од училиштето, Министерство за образование и наука и Сектор за образование при Општина Куманово ги потпишаа договорите за почнување на реконструкцијата која се реализира преку проектот „Реконструкција на училишни објекти на основни и средни училишта“ и со поддршка на Општина Куманово.

Во ова училиште настава на македонски наставен јазик следат 131 ученик од прво до деветто одделение. Училиштето има и едно подрачно училиште во соседното село Љубодраг. Наставата се изведува во две смени. Од неодамна воведен е втор изборен јазик српски кој го следат учениците од училиштето, од двете села од кумановско.