Друштвото, пренесувајќи ги барањата на Македонците од оваа област, бара од албанската влада под итно да се ангажира околу ова прашање, зашто „повеќе од неопходно е овој премин, кој е отворен во мај 2013 година, да функционира непречено".

Македонското друштво „Илинден" – Тирана и огранокот за Голо Брдо, на чија територија се наоѓа граничниот премин Џепиште – Требиште, на македонско – албанската граница кај Дебар, повторно го актуелизира прашањето за негово 24-часовно функционирање.

Друштвото, пренесувајќи ги барањата на Македонците од оваа област, бара од албанската влада под итно да се ангажира околу ова прашање, зашто „повеќе од неопходно е овој премин, кој е отворен во мај 2013 година, да функционира непречено".

Во соопштеноето потпишано од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај и на огранокот, Фатри Фетаху, се потсетува дека владите на двете земји на заедничката седница одржана во Поградец на 15 декември 2017 година донесоа одлука овој премин, кој е на десеттина километри оддалеченост од Дебар, да работи 24 часа.

-Ако овој граничен премин работи 24 часа тоа ќе биде од голема полза за жителите на Голо Брдо бидејќи сега работи со ограничено време и создава проблеми во комуникацијата и патувањето за Македонија. За нив поблиску е да патуваат до Дебар, отколку до најблискиот албански град Пешкопеја. Повторуваме дека итно бараме да се реши овој голем проблем за Македонците во областа Голо Брдо, зашто во зимскиот период, кога има обилни снежни врнежи, областа со денови останува завеана и единствен најблизок излез е токму овој премин, па тешко болните се носат во болницата во Дебар, стои во соопштението.

Се додава дека освен тоа, доколку преминот функционра непречено, ќе им се помогне на Македонците од областа Голо Брдо, бидејќи ќе се зголеми економската соработка меѓу жителите од двете страни на границата, а и поголем број туристи ќе ја посетуваат областа Голо Брдо, која располага со многу природни убавини и културно историски споменици.

Граничниот премин за локален граничен сообраќај Џепиште – Требиште работи од 8:00 до 20:00 часот во летниот период и од 8:00 до 18:00 часот во зимскиот период. Преминот е наменет за жителите во пограничните зони на двете држави, а од 2014 година по изградбата на асфалтен пат и од албанска страна, може да се патува и со моторни возила.