Во првата зимска акција за крводарување што ја организира Општинската организација на Црвен крст вчера во Ликовниот салон во Велес беа собрани 66 крвни единици, информира денеска Орце Николов, секретар на ООЦК Велес.

Во акцијата тројца велешани за првпат дарувале крв и така се вклучиле во Друштво на хуманата организација на крводарители.

-Акцијата е успешна, а се должи на хуманоста на велешките крводарители, кои и овојпат ја искажаа својата хуманост на дело, потенцира Николов.

Акцијата ја организира ООЦК Велес во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, а чии медицински екипи ја изведоа акцијата.

Инаку во велешкото одделение на Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, а кое е сместено во велешката Општа болница од 1 јануари до денеска до 11:30 часот крв дарувале 88 крводарители.

Воедно некои потенцијални дарители се уште чекаат ред да бидат прегледани од лекари и ако се здравствено добри ќе им биде дозволено денеска да даруваат крв, велат од ова одделение.

Инаку секој ден тука во просек крв даруваат од три до пет крводарители, а има денови кога крв даруваат и по 10 крводарители од Велес и велешко, појаснуваат од велешкото одделение кое функционира во рамки на Институтот за трансфузиона медицина од Скопје.