Заврши реконструкцијата на надворешното игралиште на основните училишта „Браќа Миладиновци“ и Крсте Мисирков“ од Куманово, соопштија денеска надлежните од секторот за комунални дејности.
Завршена е санација на асфалтната подлога, изградена е заштитна ограда за целиот терен.
Поставени се трибини и наскоро и еластична тартан подлога. Игралиштето е опремено со соодветни реквизити.
Директорите на двете училишта, Јасмина Спасовска и Филип Колевски кажаа дека училиштата и учениците добија уште едно соодветно место за одржување на наставата по физичко и здравствено образование.
Училиштата веќе располагаат со една голема и помала училишна сала за изведување на настава по физичко образование, но на оваа површина ќе тренираат и училишните екипи за ракомет, одбојка, кошарка, атлетика.
Ова е едно од петте игралишта кои општината ги изгради во Куманово и руралните средини во изминатиов период и освен во училиштето, се изградија или во тек е изградбата на игралишта Клечовце, Романовце и во Агино село.
Дел од игралиштата имаат и трибини, некои од нив специјална подлога особено оние кои во близина на училиштата и кои користат спортските клубови. Сите игралишта ќе бидат опремени со соодветни реквизити.
Според информациите на надлежните од одделението за јавни набавки за игралиштата од општинскиот буџет одвоени се 14 милиони 813 илјади 980 денари без вклучен данок на додадена вредност.
На јавната набавка избрана е фирма од Скопје.