Традицијата на положување на крст во реката Треска во Македонски Брод продолжува и годинава. Положувањето на крстот во реката ќе се случи на Богојавление 19 јануари во 11:30 часот.

Како и претходните години, така и годинава во Македонски Брод ќе се положува светиот крст во река Треска. Ден порано на Водокрст ќе се изврши голем Богојавленски водосвет каде водичарските кумови ќе дојдат и ќе земат осветена богојавленска вода.

Вода ќе се освети во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Горни Манастирец, храмот „Свети Илија“ во село Самоков, а во 6 часот наутро во градската црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Македонски Брод во 8:30 часот ќе се отслужи Света Златоустова Литургија, по која ќе следува голем Богојавленски водосвет, а потоа сите ќе можат да земат и однесат од осветената вода во своите домови, истакна отец Саше Костадиноски, свештеник од црквата во Македонски Брод,

Отецот потсети што ќе се случува потоа и на втор ден Водици.

-На Богојавление во 11:30 часот сите заедно со литиина поворка ќе се упатиме кон мостот на реката Треска, каде најпрво ќе се осветат водите и ќе се изврши чинот на положување на чесниот и живототворен крст. Сите оние кои сакаат да земат учество во овој свет чин најпрво да се пријават кај свештениците во градската црква, додаде отец Костадиноски.

Тој нагласи дека во општина Македонски Брод во 42 села има вкупно 82 крста. Овој празник ќе биде одбележан во селата Могилец ,Брест, Близанско, Растеш, Косово, Лупште, Требино, Требовље, Зркле, Рамне, Василковци и Тополница.