Младиот 24 годишен Кристијан Врапчароски по трет пат го извади Светиот крст од водите на градскиот базен во Кичево, откако претходно тоа го направи во 2018 и 2020 година, кога беше најспретен меѓу големиот број учесници кои влегоа во базенот.
Церемонијата за Богојавление започна со Утрена Литургија што се отслужи во храмот„Свети Петар и Павле“ во Кичево од страна на свештенството од црковниот храм, по што литијата се упати кон градскиот базен каде се изврши Голем Богојавленски Водосвет и Светиот крст беше положен во водите на базенот.
Од триесетината млади доброволци и верници кои влегоа во студените води на базенот во Кичево, најсреќен беше Кристијан Врапчароски.
-И оваа година ме посака среќата јас да го извадам светиот крст од водите на базенот.Како и претходните две години кога го извадив крстот и годинава очекувам да ми биде среќна и бериќетна и да ми се исполнат сите желби. Чувството не може да се опише со зборови, истакна среќниот Врапчароски.
Од страна на генералниот покровител му беше доделена машина за перење алишта, додека од општина Кичево на подарок доби златен крст.