Штипското јавно претпријатие „Стипион" воведува новина за граѓаните, фирмите и дистрибуитерите кои купуваат годишни билети за паркирање на возилата низ централното градско подрачје.

Директорот на ЈП „Стипион", Игор Ефтимов на денешната прес-конференција објасни дека граѓаните доколку купат годишен билет во август 2022 ќе им важи до август наредната година. Тоа значи дека билетот ќе важи 12 месеци. Одлуката е донесена по реакции од страна на граѓаните.

-Штипјани знаат дека досега годишните талони за вработените, резидентите и дистрибуитерите важеа за календарскат година, односно тоа значеше ако талонот беше купен во февруари или август важеше до 31 декември таа календарска година. Откако увидовме дека тоа е проблем со кој се соочуваат граѓаните, воведовме промена односно сега талоните ќе траат вкупно 12 месеци, ако се купи во февруари ќе важи до февруари наредната година, вели Ефтимов.

Посочи дека со оваа одлука веќе се зголемува и бројот на продадени годишни билети за паркирање. Во Штип има над 700 паркинг места кои се наплаќаат во централното градско подрачје или со билет или со телефонска порака.