Во Крива Паланка ноќеска и утрово паднаа околу десетина сантиметри снег, а висината на снежната покривка на повисоките места е околу триесетина сантиметри. Утрово до 10:30 часот имаше забрана за сообраќај на тешки товарни возила на магистралниот пат А2, Куманово – Крива Паланка кон граничниот премин Деве Баир поради врнежите, но веќе е отстранета.

Екипите на јавното претпријатие Комуналец од Крива Паланка задолжени за расчистување на снегот во централното градско подрачје се на терен и се чистат паралелно, и тротоарите и улиците во градот, како и локалните патишта.

-Уште во текот на ноќта и утрово фрлени се сол и ризла на локалните патишта, на главната улица, а денеска се расчистуваат и локалните правци кон руралните средини. На тротоарите и останатите пристапни површини се расчистува и механички. Се работи на улиците од прв приоритет, но ќе се пристапи во текот на денот и кон расчистување на останатите улици и повисоките места, изјави директорот на ЈП Комуналец, Крива Паланка, Миле Марковски.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека возилата се на терен кон регионалните патишта кон република Србија, селата Огут и Голеш, а за село Герман ќе биде испратено посебно теренско возило за чистење.