Снежните врнежи кои во тетовскиот регион започнаа околу 4 часот создадоа снежна покривка од 15 до 30 сантиметри на разни локации.

Поради таквата висина на снегот, ангажирана е механизација за расчистување на покривката на градските улици но и на сите регионални патиштата и автопатиштата кон Скопје и Гостивар.

-Интервениравме на регионалниот пат Тетово кон Јажинце каде имаше снежна покривка од 15-тина сантиметри. На патот кон Попова Шапка има околу 30 сантиметри и постојани има камион кој отстранува снег. Интервенираме и на автопатиштата и на регионалниот пат Тетово-Пирок, изјави Дејан Јовановски од тетовската подружница на „Македонија пат".

Низ Тетово според информацијата од општината отстранувањето на снег го врши јавното комунално претпријатие.

-Со сите механизми е активирано ЈКП Тетово во одржувањето на патиштата поради врнежи од снег. Во текот на следните часови ќе почнеме со фрлање на сол и песок. Преземени се сите неопходни мерки за градските улици и планинските села да бидат проодни, информираат од Општина Тетово.