Општина Македонска Каменица започна со решавање на проблемот со уличното осветлување во централното градско подрачје. За таа цел како што информираа со фирмата изведувач ќе бидат преземени потребните чекори за трајно решавање на овој проблем.

-Укажано ни е дека проблемите со осветлувањето настанувале и ќе настануваат поради неколку децении старата, дотраена и честопати оштетувана електрична инсталација. Активностите за подобрување на состојбата ќе се одвиваат во соработка со фирмата ТМ ДОО од Штип која располага со современа опрема за дијагностика за трајно решавање на овој проблем, истакнаа од Општината.

Оттаму напоменаа дека во наредниот период ќе се мапираат локациите каде досега немаше пиставено светилки.

-Веднаш ќе започнеме со мапирање на сите локации каде треба да се постават нови улични светилки, како и со изработка на проектна документација за поставување на нова електрична инсталација, додадоа од Општината.

Општина Македонска Каменица во изминатиот период потпиша Договор за јавно-приватно партнерство по ЕСКО модел за јавно осветлување со ЕСКО компанијата Македонски Телеком АД – Скопје. Проектот е дел од Регионалната програма за енергетска ефикасност во Македонија, која ја поддржува енергетската ефикасност со фокус на јавниот сектор преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), за што е обезбедена финансиска поддршка од Инвестициската рамка на Европската Унија за Западен Балкан. вс/бк/