Климатските промени кои драстично го намалија производството на мед се главен проблем за пчеларите, велат од здружението „Пчела“ кое денеска одбележува 52 години од постоењето.
Здружението, и покрај корона пандемијата, реализира низа активности, а го зголемува и членството.
Како што истакнува претседателот Горан Митевски, сѐ поголем е интересот за пчеларството зашто луѓето бараат природна и чиста храна
„Пчела“ најавува нови проекти за помош на пчеларите преку обезбедување садници за подобрување на пчелната паша, но и предавања со цел привлекување млад кадар.
– За жал, изминативе неколку години се соочивме со климатските промени кои го намалија производство на мед. Сепак, и во земјава и во целиот свет воопшто има сѐ поголем интерес за пчеларството, се бара природна и чиста храна. Тоа го гледаме и преку бројот на членовите на нашето здружение. Имавме 65, а сега сме веќе над 80 членови. Се надеваме дека во 2022 година ќе го зголемиме и овој број, изјави Митевски.
„Пчела“ и покрај КОВИД-от, ја организираше традиционалната манифестација „Денови на мед“, но учествуваа мал број излагачи поради недоволните количини мед.
-И покрај лошиот период поради пандемијата, рестрикциите и ограничувањата, здружението успеа да спроведе неколку активности, меѓу кои и изградба на пчелниот парк на градскиот кеј кој е наменет за едукација на општата популација, за значењето на пчелите, биодиверзитетот и за значењето на растенијата. Го реализиравме и вториот проект „Да им помогнеме на пчелите“ финансиран од Владата. Помошта на пчелите ја реализиравме преку пошумување, засадување медоносни дрвја и грмушки, но и преку соодветна прихрана во периоди кога се без храна од природата, нагласи Митевски.