Струмичкиот писател Петар Трајков ја објави новата книга – роман со наслов „Дојрански договор“. Овој политички трилер, со домашна содржина, ја следи приказната на двајца млади кои по игра на случајот се заплеткуват во политички интриги. Романот припаѓа на жанрот политички трилери, кој ретко третира домашна тематика.

-Книгата опишува тек на една локална политичка кампања, избори, измами и интриги кои може да завршат со вооружени пресметки. Демократијата наместо по мерка на човекот се развива како процес според волјата на елитите.Светот со постојните вредности и очекувања за протагонистите се урнува и тие се исправени пред предизвик сами да го најдат излезот, посочува Трајков.

Книгата е во продажба во книжарници низ земјава и може да се нарача онлајн. Во издание е на битолската издавачка куќа „Дата Песнопој“. Уредник на изданието е Илија Мерковски, а рецензенти се Весна Димовска и Илче Стојановски.

Покрај последната објава, Трајков досега ги објавил романот „Орбело“, книгата „Последното отуѓување“ и „Монографија Богориди“. Автор и на сценарија за играно-документарни филмови, а објавувал свои текстови во домашни и меѓународни магазини.