Рекордно зголемување на бројот на пациенти инфицирани со сојот омикрон има во општина Гевгелија, информираат од гевгелиската Општа болница.
Само изминатата недела биле регистрирани 188 новозаболени од чија потреба за прегледи и лекување се чувствува притисок врз здравствените капацитети и здравствените работници.
Од болницата посочија дека на невропсихијатрискиот оддел, каде се лекуваат ковид пациенти веќе нема слободни места и дека наместо претходно најавеното постепено затворање модуларната ковид болница повторно е отворена со пополнети 10 од расположливите 15 кревети за ковид пациенти.
Пред една година на територијата под надлежност на Општата болница имало регистрирано вкупно заболени 964 пациенти од кои 113 активни случаи, а денеска се регистрирани околу 3.350 заболени од кои 332 се водат како активни.
Докторите остануваат на ставот дека симптоматологијата не е иста кај вакцинираните и невакцинираните пациенти и затоа апелираат граѓаните да продолжат со процесот на имунизација затоа што вакцините нудат најголема заштита од коронавирусот.