Сметката за електрична енергија за уличното осветлување во Општина Штип за месец декември е пониска во споредба со претходните. Пониската сметка се должи на замената на уличното осветлување со штедливи сијалици. Вишна Шорова-Ангелова вработена во кабинетот на градоначалникот на Општина Штип вели дека во декември на уличното осветлување биле вклучени и новогодишните реквизити.

-Во Општина Штип во ноември имаме траење на денот и вклучување на светилките од уличното осветлување десет часа, додека во декември имаме десет часа и половина, што значи е малку подолг периодот кога светат уличните светилки, меѓутоа во декември ги вклучивме и новогодишните светилки. Врз основа на тоа граѓаните можеби очекуваат да се разликува енормно сметката за електрична енергија. Но, со оглед на тоа што во месец ноември и декември во Штип се инсталираше улично осветлување со голема штедливост, сметката за електрична енергија за уличното осветлување е помала во декември споредбено со ноември, вели Шорова-Ангелова.

Уличното осветлување се јавуваше како еден од најголемите проблеми, за што имаше и бројни реакции од граѓаните. Општина Штип склучи договор по пат на јавно-приватно партнерство со фирма која се грижи за одржување на уличното осветлување и промена на обичните со штедливи светилки.