Јавното претпријатие „Комуналец“ во соработка со општина Гевгелија почна со реализација на акцијата за рачистување на дивите депонии во непосредна близина на населените места и покрај локалните патишта.

Акцијата почна денеска со чистење поголема количина расфрлен комунален отпад и градежен шут на неколку локации во близина на селата Миравци и Смоквица каде што по целосното собирање на ѓубрето ќе бидат поставени табли со ознаки за забрането фрлање отпад.

Во обиколка на локациите беше и градоначалникот Андон Сарамандов кој рече дека заштитата на животната средина секогаш ќе биде една од приоритетните задачи на општина Гевгелија.

–За остварување на целта планираме да реализираме повеќе еколошки акции и проекти, но најпрво мора да ги исчитиме дивите депонии што ги има крај секое населено место за да создадеме услови за оплеменување на околината што не опкружува, нагласи Сарамандов.

Од јавното претпријатие упатија апел до граѓаните да не фрлаат отпадоци на недозволени локации затоа што вработените, како и досега, ќе продолжат со навремено собирање на ѓубрето од контејнерите поставени низ населените места во општина Гевгелија.