Полска безусловно дава поддршка за евроинтеграциите на Македонија. Од наша гледна точка, овие пристапни преговори треба веднаш да почнат. Пристапните преговори ќе дадат подобар чекор во стабилизација на Западен Балкан и подобра иднина.

Ова го изјави амбасадорот на Република Полска, Војциех Тицињски, за време на неговата денешна посета на Кавадарци. Заедно со кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, тој го посети кабинетот по хемија и биологија при основното општинско училиште ,„Димката Ангелов Габерот”, донација од Полската амбасада.

– Знам дека заминувањето на млади луѓе е проблем и во Северна Македонија, а до пред извесно време беше и во Полска. Да се тргне овој проблем, треба да се создадат подобри услови за учење и работа за младите. За да останат во својата држава. Историски, Полска секогаш беше држава којашто имаше многу луѓе коишто емигрираа. Кога Полска влезе во Европската Унија, два милиона наши млади отидоа во странство. За да се запре тоа, ни требаа скоро 15 години. Сега од 2019 година, тоа се стопира и сега имаме повеќе такви коишто се враќаат, отколку што заминуваат. За да се запре таквата состојба, треба поголем развој на економската ситуација. Од наша гледна точка, ова ќе биде кога Северна Македонија ќе се интегрира во Европската Унија, дециден беше амбасадорот, најавувајќи и идна соработка.

Јанчев се заблагодари на амбасадорот и полскиот народ и информираше дека се разговарало на повеќе теми. За кабинетот, рече дека значи унапредување на знаењето на учениците.

– Со Полската амбасада имаме добри релации и соработка. Во иднина ќе имаме и други заеднички проекти, како од економска, образовна, еколошка, така и од други области, соопшти Јанчев.