Во Центарот за култура – Кичево денеска беа промовирани романите „Единствена моја љубена“,„Егејска солза“ и „Визијата и љубовта на Крсте Петков Мисирков“ од професорот Ванѓелко Лозаноски.

Промотор беше поетесата и прозаистка од Кичево, Оливера Ширгоска., а за авторот, неговата биографија и литературното творештво зборуваше Маја Николоска –Силјаноска од Центарот за култура.

-Во овие дела писателот Ванѓелко Лозаноски на свој автентичен начин ни ја пренесува беседата за љубовта, трудејќи се да се поистовети со ликовите, правејќи ја приказната мистична до самиот крај. Низ текстот, читајќи го ќе се пронајде секој вљубеник во исконот и почитувач на делото кое зборува за љубовта, ветувањето, вербата, простувањето, искреноста, како свети симболи кои го красат човечкиот карактер, рече писателката Ширгоска.

Според неа, во сите книжевни дела на плодниот литерат преовладува патриотскиот дух кој е идејна водилка во неговиот богат книжевен опус.

-За миг човекот ќе ја заборави сегашноста и ќе заталка со мислата која знае да биде патоказ за вистинските вредности во културниот свет и стилскиот начин на изразување, истакна Ширгоска.

Авторот Лозаноски не беше присутен на промоцијата.