Почнаа да пристигнуваат зголемените сметки за струја на адреса на општините и институциите под нивни ингеренции.

Градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев вели дека сметката за декември која пристигнала е за три и пол пати повисока, од претходната.

-Зборувам за претходниот месец, а новите сметки се уште сите не се пристигнати. Но, верувам дека ќе биде уште поголема. Ако да речеме во 2021 година за цела година било предвидено и потрошено од три до три пол милиони денари. Оваа година предвидовме десет милиони денари, со тоа што веруваме дека ако продолжи овој тренд ќе мора да правеме ребаланс на буџетот, за да имаме можност да си ги плаќаме сметките, вели Владев.

Посочи дека како и во останатите општини добавувачот на електрична енергија еднострано го има раскинато договорот. Во моментов им е распишан нов тендер, но какошто вели Владев досега на него никој не се јавил.

-Тендерот трае уште една недела, не верувам дека некој ќе се пријави, но можеби ќе се пријави, но не верувам, и понатаму со ЕВН знаете како е ситуацијата, тие се сумите, тие се цените. Мора да се снаоѓаме и да ги подмируваме сметките, вели Владев.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов кој е член на Управниот одбор на ЗЕЛС вели дека на седница е разговарано и е доставено барање до Владата за помош на општините за сметките за струја, бидејќи тие како општини не се виновни за енергетската криза. А високите сметки ќе им направат дополнителни долгови, но и ќе им го изеде и буџетот. Засега во оваа мала рурална општина не се размислува за зголемување на комуналните услуги, а како резултат на високите сметки за струја.

-Засега нема да се зголеми цената на водата, знаеете дека тоа е регулирано преку Регулаторна комисија. Но ќе ги следиме ситуациите, што практично понатму ќе имаме и дали ќе има покачување или не. Но, сметам дека граѓаните не треба да бидат оние, коишто се најоштетени, вели Паунов.

Општините на кои им е раскинат договор од страна на добавувачот за струја, можат да тужат. Но, какошто вели за МИА градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов оваа законска можност ја знаат, но на овој чекор нема да се одлучат, бидејќи претходното раководство на комуналното претпријатие „Исар" лани не подмирило шест сметки за електрична енергија и едноставно се големи должници кон добавувачот. Општините чекаат да им пристигнат јануарските сметки, во меѓувреме чекаат на одговор од државата за доставеното барање за помош за општините.