Прилеп нема проблеми со водоснабдувањето во овие студени зимски денови, а и не се очекува да се наруши, информираат од ЈКП „Водовод и канализација“-Прилеп.
Според Игор Гулабоски, директор на ЈКП „Водовод и канализација,“ иако за 15 отсто е зголемена потрошувачката на водата за пиење, не се очекувата проблеми. Вели дека изворот „Студенчица“ е во добра кондиција.
– Потрошувачката на водата се зголеми за 10 до 15 отсто поради тоа што се пуштаат чешмите да течат од разбирлив страв од измрзнување. Изворот студенчица е со солидна дарежливост. Од 960 литри вода во секунда, за Прилеп се 265 литри и градот добива уште 35 литри вода во секунда од сопствените извори. На планините има снег, моментално се ниски температурите, со затоплување и снегот ќе се топи, така што не се очекуваат проблеми во водоснабдувањето. Состојбата со Студенчица е стабилна и изворот е во добра кондиција, истакна Гулабоски. Гулабоски истакна дека претпријатието успешно ги решава дефектите, 160-тина на број, вообичаени во овој период од годината. Што се однесува до зголемувањето на цената на струјата, Гулабоски потенцира дека засега претпријатието нема проблеми, иако другите јавни претпријатија ги чувствуваат. Посочи дека Здружението АТКОМ е во комуникација со Владата и се очекува да стигнат субвенции, што поскоро, зашто секое одложување на проблемот, „ќе ги изеде“ средствата наменети за обновувањето на мрежата.
– Проблемот е стигнат до нашето здружение АТКОМ преку кое контактираме со Владата и во фаза е решавањето на тие проблеми. Едноставно, владата мора да помогне, да се субвенционира таа разлика во цената, зашто многу јавни претпријатија ќе се соочат со проблем за испорачување на водата до своите општини. Во овие два месеца, ние се справуваме со тоа, досега е добро. Се надеваме дека проблемот за кратко време ќе се реши, зашто тие пари се наменети за реконструкција на водоводните мрежи, потенцира директорот на прилепски „Водовод и канализација“, Игор Гулабоски.