Општина Крива Паланка воведе динамичен план за решавање на статусот на бесправно изградени објекти, по што процесот е забрзан, а веќе се врачени и први решенија.
-Заапочнавме со решавање на еден од најгорливите проблеми на граѓаните што се провлекува дури и деценија наназад кај некои случаи, проблем со легализација на дивоизградените објекти во Крива Паланка. Откако дојдов на функцијата, во ноември 2021, затекнав околу 1600 нерешени предмети за легализација и заедно со мојот тим за работа и стручните соработници од Одделението за урабанизам веднаш направивме динамичен акциски план со оптимална временска рамка со цел, во најбрз можен рок, да ги решиме сите заостанати предмети по однос на легализацијата на бесправно изградените објекти. Овој пристап и начин на работа за брзо и ефикасно решавање на долгогодишните проблеми на граѓаните, ќе биде во фокусот на мојата понатамошна работа на функцијата градоначалник, изјави Сашко Митовски, градоначалник на Крива Паланка.
Решенијата беа врачени во големата општинска сала, а дел од присутните граѓани истакнаа дека некои по пет или повеќе години, сведочат за решавање на проблемот и утврдување правен статус на нивните бесправно изградени објекти.
-Мојата цел и мојот пристап кон работата и функцијата градоначалник е храбаро, одлучно и одговорно да се соочуваме со проблемите, а не да бегаме и да ги игнорираме реалните проблеми на граѓаните, особено тие поврзани со административни процедури во надлежност на општината. Граѓаните ми ја дадоа довербата и легитимитетот да се справувам и да ги менаџирам овие процеси и затоа се одолжувам на најдобар можен начин со примена на позитивни промени во решавањето на наталожените проблеми и состојби, дополни Митовски.
Посочи дека заедно со сите вработени во општинската администрација и Советот, ќе продолжат да ги решаваат проблемите и да креираат доверба во институцијата. ид/хс/