Реката Сушица што го дели Кичево на два дела, во делот каде поминува речиси во центарот на градот, претворена е во вистинска депонија.
Во и крај речното корито можат да се забележат расфлани стари алишта, комунален отпад и секаков вид предмети и ѓубре, кое жителите го расфрлале на овој простор.
Од комуналното претпријатие и покрај редовната грижа за речното корито, сепак не можат да го задржат чекорот со недисциплинираните жители на градот.
– Со години наназад посебна грижа нашата компанија посветува на уредување на речното корито на река Сушица.Но, како што ние го средуваме речното корито, така неодговорни граѓани без грижа на совест, го расфрлаат ѓубрето крај и во реката, посочуваат надлежните од комуналното претпријатие.
Наведуваат дека во повеќе наврати апелирале до сограѓаните да се грижат за хигиената на реката, затоа што е тоа убав простор за прошетки и дружења.
– Сепак нашите апели како да не допираат до нив.И така секоја година ние чистиме, а поединци загадуваат, вели директорот на ЈКП „Комуналец“ Зенел Јонузи.
Тој уште еднаш апелира до своите сограѓани да водат грижа за градот, околината, а посебно за кејот на градската река, бидејќи колку повеќе се грижат, толку ќе имаат почист и поубав град.