Пет пливачки и еден ватерполо клуб од Куманово бараат надлежните институции да најдат решение за проблемот со времено затворениот базен за да можат да продолжат со тренинзите пред сезоната на натпревари.
– Пет пливачки клубови од Куманово и еден ватерполо клуб ќе останат без тренажен процес и тоа непосредно пред одржување на националното првенство во пливање. Со тоа и долгогодишната работа на клубовите и пливачите кои имаат значајни успеси во македонското пливање ќе бидат оставени на милост и немилост. Според изјавите на надлежните гледаме дека нема решение во скорешно време, па апелираме до надлежните институции коишто стопанисуваат со овој објект да изнајдат решение за овој проблем, во спротивни ќе бидеме принудени да побараме помош од државата – се вели во соопштението од овие клубови.
Поради зголемените цени за електрична енергија и гас, затворениот градски базен, времено беше затворен на 18-ти јануари годинава, соопштија надлежните од ЈП „Чистота и Зеленило“ кое менаџира со комплексот.
Зголемените цени на струјата и гасот го принудија менаџерскиот тим на ваква одлука од каде кажаа дека не се во можност да ги плаќаат високите сметки и дека е можно да се доведе во прашање примарната дејност на претпријатието, изнесување и собирање на смет. Од „Чистота и Зеленило“ и од останатите претпријатија побараа помош од државата за решавање на проблемот со високи сметки за енергенси.