Строго контролирани зафати, како во инфраструктурата, така и во локалната економија на местата кои се природни реткости, целосна вклученост на националните власти во активностите за заштита и контрола на развојот на локалитетите заштитени како природно наследство од национален интерес, како и постојана вклученост на научната фела во определувањето мерки за заштитата на локалитетите, се дел од препораките кои ги изнесоа јапонските експерти Јамасаки Масафуми и Ичики Шигеказу на денешното предавање „Балансирање на зачувувањето на животната средина и регионална/туристичка промоција на Охридското Езеро преку соодветно управување со локалитетите на светското наследство“.
Професорите Масафуми и Шигеказу денеска пред учесниците на предавањето ги презентираа јапонските искуства во одржливо стопанисување и управувањето со природните реткост во случајот езерото Бива и неговата околина.
Притоа се презентирани концептите, начините како да се развива локалната туристичка понуда, но со строго контролирани зафати, како во инфраструктурата така и во локалната економија. Особен нагласок е даден на целосна вклученост на националните власти во активностите за заштита и контрола на развојот на локалитетите заштитени како природно наследство од национален интерес.
Кога е во прашање природата, двајцата професори се согласни дека не смее да се дозволат никакви поголеми интервенции, особено на места како Охрид, што се заштитени како светско наследство на УНЕСКО.
Нагласена е потребата од постојана вклученост на научната фела во определувањето мерки за заштитата на локалитетите, притоа и важноста од спроведување активности за подигнувањето на свеста кај локалното население за важноста од определувањето мерки и планирањето на развојот, како и постепено и трајно да се работи на градење на свеста за важноста на локалитетот, како кај локалната заедницата така и на ниво на целата држава.
Како примери се посочени одредени конкретни мерки, како што е фактот што сите хотели и угостителски објекти се под владина контрола, притоа со строго почитување на прописите при евентуални човекови интервенции околу езерото. Градбите како што се рестораните се минималистички изградени согласно традиционалната архитектура и строго контролирани од власта. Исто така, како пример е посочено дека на сите локалитети од интерес на туристите се поставени јавни тоалети што мора да се беспрекорно чисти и пред се бесплатни за употреба.
Нагласена е важноста од промоција и унапредување на начините на презентација на локалната култура и традициите, во насока истите да бидат имплементирани во насока на промовирање на особеностите на туристичката понуда карактеристична за одреден локалитет.
Особена важност јапонските власти придаваат на стопанисувањето на водите од езерата, со строго контролиран лов на риба и рибарење дозволено само на одреден број локални рибари. Од особена важност е посочена потребата локалното население да користи средства за хигиена што не се закана за природата, преку забрана за користење фосфатни детергенти и други агенси што придонесуваат за еутрификација на водите.
Меѓу останатото, презентирани се примери и на отстранување на одредени градби на крајбрежјето, како брани и одводни канали изградени дури и пред неколку векови, сето во насока да се дозволи еко-системот повторно да ги определи начините за самоодржување.
Јапонскиот амбасадор во земјава Хиронори Савада на предавањето истакна дека е одлично експерти, студенти, институции и граѓани од Јапонија, Албанија и Македонија да разменат искуства со цел да се поддржат акциите за зачувување и промоција на светските природни и културни богатства на регионот на Охридското Езеро. Западен Балкан, како што додаде тој, е единствен регион каде што се хармонизираат историјата, природата и културата, а Охридскиот регион е најдобар пример за тоа.
– Јапонија е силно посветена на поддршката на Западен Балкан за нивниот одржлив развој кон целосен пристап во Европската Унија. Континуирано го поддржуваме регионот преку ОДА, вклучително и програмите на ЏАЈКА, за бизнис, култура, како и размени на луѓе. За зачувување на регионот на Охридското Езеро, минатата година ЏАЈКА испрати мисија за техничко истражување за да ја процени состојбата со управувањето и третманот на отпадни води. Пред шест години, музејот на езерото Бива од префектурата Шига потпиша договор за соработка со Хидробиолошкиот институт од Охрид. Денеска ќе дознаеме за искуствата од зачувувањето на езерото Бива преку напорите на јапонските институции во соработка со граѓаните, нагласи Савада.
Амбасадорот на Јапонија во земјава посочи дека пред пандемијата, околу 5000 јапонски туристи ја посетиле Македонија во 2019 година.
– Секако Охрид и Струга беа меѓу главните места за посета. Неколку пати ги посетив Охрид и Струга за да ја промовирам нашата грантска помош за грасрут и човечка безбедност. Верувам дека имаат голем потенцијал да се развиваат одржливо и со нетрпение очекувам да видат како да го зачуваат и промовираат регионот во исто време. Нашата Амбасада сака да ја поддржи соработката меѓу институциите за оваа цел, истакна Савада.