По вчерашните интензивни врнежи од снег во кичевскиот регион, вработените од подружницата на „Македонија пат" Кичево презедоа целодневна акција за чистење на патиштата кон Скопје, Охрид, Битола и Прилеп.

Седум машини со колку што располага оваа подружница, беа вклучени во чистењето на снегот и одржување на проодноста на сите патни правци.

Покрај чистењето на снегот, на патиштата беа фрлени над 40 тони индустриска сол и околу 7 кубици ризла и песок за подобрување на абразивноста на подлогата.

-Од вчера изутрината откако во нашиот регион наврнаа поголеми количества на снег, нашите екипи се континуирано на терен и работат на одржување и расчистување на снегот на сите патни правци. Така, во овие часови проодни се патиштата кон Гостивар, Охрид, Битола и Прилеп и не само за патнички моторни возила и автобуси, туку и за тешки товарни возила, изјави Зоран Маркоски, раководител на Подружницата на „Македонија пат" Кичево.

Тој напомена дека и покрај тоа што нема нови врнежи од снег, патиштата мора да се одржуваат тековно бидејќи преостанатиот снег од подлогата се топи и во ноќните часови замрзнува и подлогата станува опасна за движење на моторни возила.

-Бидејќи топлото време и солта го стопија преостанатиот снег од подлогата, за да не дојде до замрзнување на коловозитево ноќните часови, континуирано посолуваме и попесочуваме и на тој начин придонесуваме да се стопи преостанатиот снег и да се намали лизгавоста на подлогата. Оваа операција ќе ја продолжиме и во наредните денови и ноќи се додека на коловозите има и најмали количества на снег и мраз, додаде Маркоски.