Словенечките пратеници, помалку од три месеци пред парламентарните избори, со големо мнозинство усвоија закон со кој се дели валутниот ризик на заемите земени во швајцарски франци меѓу банките и должниците, а банките најавија дека ќе го оспорат пред Уставниот суд.
Иако Владата формално не го поддржа предлог-законот на здружението „Франк“, кој го основаа корисниците на овие кредити, за законот синоќа гласаа 52 пратеници, со осум гласа против, па тој беше потврден, но банките веќе најавија дека го ќе побараат од Уставниот суд да ја прекине неговата примена додека не се утврди дали е во согласност со Уставот.
Усвоениот закон предвидува дека договорите за кредит во швајцарски франци, склучени од 28 јуни 2004 година до 31 декември 2010 година, ќе вклучуваат дополнителни клаузули со кои ќе се утврдува максимално дозволениот износ на промени на девизниот курс. Со тоа би се поделил валутниот ризик за кредитите меѓу договорните страни.
Ваквите анекси на кредитните договори, дури и на оние кредити кои се веќе отплатени, банките треба да ги подготват во рок од 60 дена по стапувањето на законот во сила.
Здружението на словенечките банки изрази силно противење на ваквиот закон, тврдејќи дека е неуставен и ги крши националните и европските закони и најави постапка за оспорување пред Уставниот суд.