Фондацијата за култура „Ангел Петров“ од Велес по повод 150 години од раѓањето на Гоце Делчев денеска ја отвори изложбата на портрети од Гоце Делчев, од академскиот сликар Ангел Петров.
Изложбата е претставена во излог на „Етно арт Ноне“ пред семејната куќа на Ангел Петров, на улица „Архиепископ Михаил“ бр 11, а на неа се претставени 14 портрети од Гоце Делчев изработени во разни техники – масло, пастел, туш, молив и комбинирана техника.
Како што информира за МИА Светлана Петрова, сопруга на сликарот Ангел Петров и раководител на истоимената фондација, целта на изложбата е да се потсетиме на големото дело на најголемиот македонски револуционер Гоце Делчев кој е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, пред точно 150 години.
-Токму големиот Гоце Делчев и неговиот лик беше непресушна инспирација за изработка на портрети на Гоце Делчев, на мојот сопруг академскиот сликар Ангел Петров во сите години од неговото творештво како што беше и Кочо Рацин.Инаку овие дела се континуирано создавани од авторот почнувајќи од 70-те години на минатиот век се’ до 2005 година, информира Петрова.
Изложбата е отворена денеска и ќе трае до 7 февруари, а може да ја проследат сите заинтересирани велешани и минувачи низ Велес, а се наоѓа позади Хотел „Интернационал“ во строгиот центар на градот