Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Косово порача денеска дека никој не бара од косовските лидери да направат компромис со суверенитетот или територијалниот интегритет на државата при постигнувањето договор за решавање на споровите со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното сооштение на Амабсадата по тридневниот престој во Приштина на специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар и посредникот на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, се вели дека и статус-квото во преговорите со Белград е „неодржливо“.

Вашингон ги охрабрува сите актери во процесот да се заложат за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, „со цел да се постигне сеопфтен договор, насочен кон меѓусебно признавање“.

– Заврши една продуктивна заедничка САД–ЕУ посета од специјалните пратеници Ексобар и Лајчак на Косово. САД силно го поддржува дијалогот олеснет од ЕУ како најдобар пат преку кој косовските лидери можат да обезбедат европска иднина за нивните граѓани. Статус-квото е неодржливо; ние охрабруваме за конструктивно, флексибилно и итно залагање од сите, со цел да се постигне сеопфтен договор, насочен кон меѓусебно признавање. Никој не бара од косовските лидери да направат компромис со територијалниот интегритет или да го прекршат Уставот. Тие се недопирливи, се вели во соопштението на американската амбасада во Приштина.

Посредниците на САД и ЕУ, Ескобар и Лајчак, престојуваа во Косово од понеделникот, 31 јануари, до вчера и се сретнаа со претседателката на државата, Вјоса Османи, со премиерот Албин Курти, со лидери на опозицијата и претставници на косовските Срби, како и со претставници на меѓународната заедница во Косово и на граѓанските организации.

Во најновиот заеднички обид на САД и ЕУ да го заживеат процесот на преговори, по престојот во Приштина, американскиот и еврпскиот емисар ја продолжија посредничката мисија со дводневна посета на Белград