Бугарскиот министер за енергетика, Александар Николов, денеска ќе учествува на осмиот министерски состанок на Советодавниот совет за Јужниот гасен коридор што ќе се одржи во Баку, соопшти прес-центарот на Министерството за енергетика на Бугарија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, форумот во Баку ќе го отворат претседателот на Азербејџан Илхам Алиев и комесарот за енергетика на ЕК Кадри Симсон.

На состанокот ќе присуствуваат министрите за енергетика на земјите од Јужниот гасен коридор – Азербејџан, Грузија, Турција, Грција, Бугарија, Албанија и Италија. Во него ќе има претставници од други земји од Југоисточна Европа, како и од Унгарија, Молдавија, Украина, САД и Обединетото Кралство.

Според бугарските електронски медиуми, целта на Софија е да се обиде да преговара за зголемување на увозот на гас во Бугарија од азербејџанското наоѓалиште Шах Дениз 2.

Во моментов, Бугарија добива една третина од количество на гас од првичниот договор со кој се предвидува испораките да се вршат преку гасниот интерконектор со Грција, што е во завршна фаза на изградба и треба да биде готов до лето.

Гасното поврзување меѓу Бугарија и Грција е дел од изградбата на Јужниот гасен коридор.