И оваа календарска година Министерството за култура со повеќе средства споредено со лани, ги поддржа проектите кои традиционално ги организира Центарот за култура во Кичево.

-Ако минатата година од областа на драмската дејност за претставите „Белото циганче“ на македонски и „Непотизам“ на албански јазик беа наменети по 50.000 денари, годинашните претстави „Грев или шприцер“ на македонски и „Дипломатски бакнеж“ на албански, ќе бидат поддржани со двојно повеќе средства или за секоја драмска претстава ќе бидат наменети по 100.000 денари, изјави Мазлам Османи, директор на Центарот за култура.

Тој истакна дека и останатите проекти кои редовно се одржуваат во Центарот за култура ќе бидат поддржани со повеќе средства.

-Младинската керамичка работилница за изработување и декорирање керамички производи Кичево, оваа година ќе биде поддржана со 200.000 денари, што се за 50.000 повеќе во споредба со ланската година. Исто така Меѓународниот фолклорен фестивал, за кој Министерството за култура минатата година намени 350.000 денари, годинава ќе биде поддржан со 500.000 денари. Традиционалниот Велигденски концерт годинава ќе биде финансиски поддржан со двојно повеќе средства и од ланските 50.000 денари годинава ќе бидат зголемени на 100 000 денари, додаде Османи.

Посочи дека од ланските 955.000 денари издвоени за инвестиции, годинава за таа намена ќе бидат потрошени речиси двојно повеќе средства, вкупно 1.700.000 денари.