Со делото „Италијански приказни“ од Итало Клавино, комплетирана е едицијата „Читаме заедно“ на издавачката куќа ТРИ. Преводот на приказните е направен од преведувачката и професорка Радица Никодиновска.

-Ова дело е совршен начин за заокружување на една ваква едиција која има за цел да придонесе за запознавање со разновидните национални богатства, пред сè, бидејќи бајките се совршена слика за еден јазик и култура. Преку умешноста на Калвино, еден од најзначајните италијански и светски автори на 20 век, се овозможува циркулација на книжевен квалитет кој и на децата и на возрасните им овозможува запознавање со најдоброто во европската литература, велат од ТРИ.

Сите десет книги што беа дел од оваа едиција се од десет различни културни и јазични средини, при што им овозможуваат на македонските читатели подобро да се запознаат со европската уметност, но и да извлечат животни поуки од нив.

Проектот е поддржан од Европската Унија, а од издавачката куќа додаваат дека допрва ќе ги остваруваат своите цели надвор од предвидените рамки.