„Пеш по воздушна линија“ е насловена новата стихозбирка на Даниела Андоновска-Трајковска објавена од „Ми-Ан“ која, како што информира издавачот, се појавува по нејзината претходна книга „Математичка поезија“ за која авторката ја доби наградата „Ацо Шопов“ на ДПМ за најдобра книга поезија.

-Стихозбирката „Пеш по воздушна линија“ на лирски начин ја прикажува индивидуата во услови на пандемијата со КОВИД-19, каде секој од нас се соочи со нови предизвици, со таканареченото „ново нормално“, при што спознавањето на своето Јас е ставено во прв план. Она што го прави новото дело на Андоновска-Трајковска посебно е нејзината суптилна игра како со зборовите, така и со нивното значење, давањето личен печат и толкување на поимите што нè опкружуваат, а со тоа и еден нов пристап и ново читање на темите што неа ја окупираат, информира „Ми-Ан“.

Даниела Андоновска-Трајковска е поет, прозаист, книжевен критичар, доктор на науки по педагогија во областа на методиките и редовен професор по методика на Педагошкиот факултет на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. Членува во Друштвото на писателите на Македонија, Славјанската литературна и уметничка академија со седиште во Варна, Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ и во Македонското научно друштво – Битола, каде што во два мандата била претседател на Уредувачкиот совет. Поезијата ѝ е преведена на повеќе јазици и е објавена во реномирани книжевни списанија во земјава и во странство.