Ансамблот на НУ Народен театар-Битола е подготвен за премиерна изведба на претставата „Демони“ од Ларс Норен, чиј режисер е Васил Христов.

Во „Демони“ улогата на Катарина ја толкува актерката Илина Чоревска, улогата на Френк ја толкува актерот Огнен Дранговски, а на сцената под ротација во битолскиот театар ќе настапат и актерите Марија Стефанова и Здравко Стојмиров.

-Претставата „Демони“ е интимна модерна анти-бајка за две двојки, навидум сосема различни но поврзани во несреќата, траумата, неможноста да љубат…Првата премиера во новата театарска сезона всушност е и прва изведба на „Демони“ на македонската театарска сцена, информираа од НУ Народен театар-Битола.

Делото на Ларс Норен „Демони“ за премиерната претстава на НУ Народен театар-Битола, превод од англиски на македонски јазик направи Снежана Плушковска, сценографијата ја подготви Валентин Светозарев, а костимите, Андреј Ѓоргиевски.

Претпремиерата е целосно распродадена, а премиерата е закажана за сабота навечер од 20 часот.