Северна Кореја соопшти дека вчерашното тестирање било дел од развој на извидувачки сателитски систем, соопшти денеска државната новинска агенција КЦНА, еден ден откако беше откриено дека е лансиран проектил од земја.

Во извештајот на КЦНА не е наведено каков тип на проектил е користен при тестирањето, но јужнокорејските власти соопштија дека се чини дека станува збор за балистичка ракета истрелана од област во близина на Пјонгјанг каде што се наоѓа нивниот меѓународен аеродром.

Лансирањето беше осми тест оваа година и прв од јануари кога нуклеарно вооружената Северна Кореја истрела рекорден број ракети.

Официјални претставници во Јужна Кореја и Јапонија изразија загриженост дека Северна Кореја би можела да продолжи да развива ракети кои се забранети со резолуциите на Советот за безбедност на ОН, додека меѓународното внимание е фокусирано на украинската криза.

Вчерашната проба помогна да се потврди оперативната точност на системот за фотографирање со висока резолуција, системот за пренос на податоци и уредот за контрола на положбата „преку спроведување вертикално и косо фотографирање на одредена област на земјата“ со камери што ќе се монтираат на извидувачки сателит, објави КЦНА.

– Тестот е од големо значење за развој на сателит за извидување, се вели во извештајот.

Државните медиуми објавија две фотографии на кои се гледа Корејскиот Полуостров од вселената.