Европската унија сака што поскоро да ја поврзе и усогласи електричната мрежа на Украина со европската, изјави еврокомесарката за енергетика Кадри Симсон.
Украина почна да ја тестира својата електрична мрежа за да ја поврзе со Европа и да ја одвои од Русија. Префрлувањето би значело дека Русија повеќе нема да ги контролира техничките аспекти на украинската мрежа како што е нејзината фреквенција.
Еврокомесарката Симсон рече дека ќе побара поддршка од земјите на ЕУ и Европската мрежа на оператори на преносни системи за електрична енергија (ENTSO-E) за итно поврзување со Украина.
„Да се надеваме дека техничката работа за синхронизација со Европа може да продолжи и покрај рускиот напад. Ќе побарам од ENTSO-E и земјите-членки поддршка за итна синхронизација што е можно поскоро“, напиша Симсон на Твитер.
Европа и Украина со години планираат да ги синхронизираат своите енергетски мрежи, а Украина се обидува да се одвои од системот поврзан со Белорусија и другите поранешни советски држави.
Украина со 41 милион жители е еден од најголемите потрошувачи на енергија во Европа. Околу 55 отсто од производството на електрична енергија во земјата го обезбедуваат четири нуклеарни централи.
Министрите за енергетика на ЕУ денеска одржуваат итен состанок за да разговараат за влијанието на руската инвазија на Украина врз енергетските пазари, вклучително и потенцијалните шокови при снабдувањето со енергија.
Министрите ќе разговараат и за можната помош за енергетскиот сектор на Украина, се вели во документот дистрибуиран пред состанокот.