Во рамки на проектот „Места на дарежливост – трансформативни станици“, КСП Центар Јадро објави отворен повик за учество во работилницата насловена „Кујна за критички рецепти и нови вкусови“, која ќе се одржи од 16 до 21 март оваа година.

Како што соопштија од тимот на КСП Центар Јадро, станува збор за интердисциплинарен проект што ќе го реализираат во текот на оваа година, а има за цел да промовира социјално ангажирани уметнички пракси и начини на кој тие ќе се користат како моќни алатка за општествена промена.

-Улогата на уметноста при воведување на политичките и социјалните прашања во јавната сфера е сѐ поголема. Денес, уметничките практики се служат со широк спектар на средства, елементи и стратегии кои промовираат зголемена критичката свест и позитивна социјална трансформација. Функцијата на самата уметност во општествениот контекст е да понуди излез од зоната на удобност. Така, проектот „Места на дарежливост – трансформативни станици“ поттикнува уметничкото творештво кое излегува од традиционалната рамка на дејствување и зема активно учество во креирањето на конструктивни општествени промени, соопштија од КСП Центар Јадро.

Целта на работилницата која ќе се реализира во рамки на овој проект, е преку едукативниот процес на стекнување нови вештини, знаења и пристапи, учесниците да создадат комплексни уметнички содржини кои ги отфрлаат класичните формати на продукција и промовираат социјална ангажираност.

По оваа работилница, во април ќе биде распишан јавен конкурс за поддршка на четири проекти чија реализација ќе биде во периодот мај-декември 2022 година.

Проектот „Места на дарежливост – трансформативни станици“ се реализира со финансиска помош на Фондација Отворено општество – Македонија.

-Работилницата е наменета за сите кои сакаат да зготват свој критички рецепт во нашата кујна на нови вкусови, за сите мотивирани, локални уметници кои сакаат да ги зголемат своите знаења и вештини во областа на социјално ангажираната уметност, како и за сите кои имаат желба да создаваат свои уметнички проекти кои ќе водат кон зголемена критичката свест и позитивна социјална трансформација.

Исто така, работилницата е наменета за сите кои сакаат да научат како да ја аплицираат својата уметност надвор од музеите и галериите, за креативци кои сакаат да творат во областа на животната средина, аниткорупцијата, човековите права, социјалната правда и други актуелни теми, но и за сите кои сакаат да придонесат за проактивност на заедницата во насока на отварање и решавање на проблеми и прашања на микро ниво, стои во најавата за работилницата.

Предавањата и работилниците ќе бидат спроведени од истакнати уметници со долгогодишно искуство во социјално ангажираната уметност – Драган Протиќ и Јелена Вуксановиќ. Краен рок за пријавување е 10 март, а заинтересираните треба да го пополнат формуларот за учество.

Од КСП Центар Јадро соопштија дека избраните учесници ќе бидат навремено информирани по завршување на рокот за пријавување. Присуство на работилницата ќе се смета за предност, при изборот на проектите чија реализација ќе биде во периодот мај-декември 2022 година.