Националната установа Центар за култура „Григор Прличев“ од Охрид доби 4.700.000 денари буџет од годишната програма на Министерството за култура за 2022 година.

Според установата, годинашниот буџет е поголем во однос на претходните години. Центарот за култура информира дека за „Прличевите беседи“ се одобрени 180.000 денари, а за организација на „Балканскиот фестивал“ еден милион денари. Драмската дејност, пак била поддржана со три проекти, односно еден повеќе од лани.

– Охридската публика ќе има можност да ги погледне претставите „Село без вампири“ во режија на Ѓорги Ризевски, „Енергични луге“ во режија на Александар Иваноски и „Секс и Љубомора“ во режија на мајсторот за комедии Коле Ангеловски. За реализација на трите проекти издвоени се 2.500.000 денари, информираат од Центарот за култура од Охрид.

Неизоставен дел во финансирањето на Министерството за култура, како што посочуваат, се сценско-музичките и фолклорните дејности, поточно работата на Градскиот хор со 150.000 денари, фолклорниот ансамбл „Бисери“ со 125.000 денари и „Охридските староградски средби“ со 200.000 денари.

– Програмата на Визуелните уметности, арт и дизајн оваа година поддржана е со промоција на две изложби, традиционалната на Фото клуб-Охрид и самостојна изложба на Наташа Гелева насловена „Излишно“ со вкупно 70. 000 денари, информираат од охридскиот Ценатр за култура.

Годинава, како што нагласуваат, Министерството за култура доделило средства за набавка на нова светлосна лед опрема за потребите на театарот и на сите придружни манифестации, кои се одржуваат во установата, како и промена на дел од застарената столарија со буџет од 440.000 денари за двете инвестиции.