Четириесет украински граѓански здруженија упатија заеднички повик до Западот да воспостави безбедни зони за бегалците во Украина, како и да асистира во документирањето на сите злосторства извршени од руските сили, за тоа да може да биде искористено во постапката што ќе биде покрената пред Меѓународниот кривичен суд.
Лондонски „Гардијан“ објавува дека таканаречената „Киевска декларација“ е составена од граѓански иницијативи, здруженија, движења од цела Украина, и тоа во тешки моменти и уште посложени воени услови, по пат на шифрирани пораки, но и на средби во киевското метро и во засолништата. Меѓу потписниците на документот се Хелсиншката група, „Вратете се живи“, Украинскиот кризен медија центар, „Женски перспективи“ и други здруженија и групи, кои бараат да се реагира сега односно пред Русика да ја преземе власта во земјата.
Декларацијата означува дека и покрај потешкотиите украинското граѓанско општество се уште е активно, во значајна мера ја поддржува својата Влада и се обидува да го поттикне Западот да го задржи моментумот на поддршка.
Шесте хуманитарни барања во документот апелираат на формирање безбедни зони за бегалците во земјата, обезбедување противтенковско оружје, проширување на сетот санкции, како и забрана за каква било енергетска трговија со Русија. Исто така дека бара што поскора заплена на богатството на руските олигарси во странство вклучувајќи тука и укинување на визите за нивните семејства, како и материјална помош во гориво, логистичка поддршка и опрема за итна медицинска помош, теренски болници, мобилни клиники, лекарства за третман на повреди.
Исто така, се упатува повик за обезбедување опрема и технологија како поддршка на групите за човекови права и правните лица за документација на воени злосторства.
„Гардијан“ потсетува дека за време на конфликтот во Сирија, со договорот меѓу Русија и Турција од 2019 година беа формирани безбедни или тампон зони за бегалци во североисточниот дел на земјата.
Малку поинаква беше зоната на забранети летови во северен и јужен Ирак што ја наметнаа САД, Велика Британија и Франција за заштита на курдското малцинство. Прогласување таква зона над Украина би значела воен ангажман на НАТО и отворен конфликт со Русија што беше исклучено како опеција од лидерите на државите-членки на Алијансата.
Љубов Максимович, од движењето „Женски перспективи“ за „Гардијан“ вели дека зад декларацијата стојат украинските жени и мажи заедно во одбрана на своите слободи.
„Се уште не е доцна да се исцрта линија на земјата тука, во Украина, наместо долж средината на Европа што ќе се случи доколку не успееме. Се надеваме дека западните сили нешто научија од неуспесите на долгогодишните мировни преговори и очигледната дволичност на Владимир Путин. Ова е најважната декларација што некогаш сум ја потпишала. Ако не се одговори на неа може да ми биде и последна“, вели таа.
Олга Аивазовска, претседател на Организацијата за набљудување на изборите Опра вели дека сега е моментот светот да ја покаже поддршката, не само за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина туку и за универзалните вредности како демократијата, човековите права и слободата.
„Со Киевската декларација бараме ваша помош во победата над автократскиот диктатор, одбрана не само на Украина, туку и целиот демократски свет и принципите врз кои се заснова. Извршниот директор на украинската Хелсиншка група за човекови права, Олександр Павличенко, од своја страна нагласува дека Путин и неговите следбеници се уверени оти се над законот, дека можат да се извлечат од ова крвопролевање бидејќи на светот му треба нивниот гас и нафта.
„Мора да им докажеме дека грешат. Мора да ја откриеме вистината. Мораме да ги повикаме на одговорност пред суд“, ја цитира „Гардијан“ изјавата на Павличенко.