Серија убиства извршени изминатите десеттина дена ја потресуваат јавноста во Пакистан. Во градот Дура Мурад Џамили во југозападната провинција Балучистан за само две седмици се регистрирани десеттина убиства под изговор на извршителите дека станува збор за акт за одбрана на семејната чест.
Пакистанската полиција соопшти дека последна жртва е 18-годишна жена, убиена денеска од страна на нејзиниот свекор заради наводна извршена прељуба. Осомничениот кој го убил и го љубовникот на неговата снаа го признал делото, изјавувајќи дека морал така да ја одбрани честа на неговото семејство.
Дера Мурад Џамали со околу половина милион жители со години наназад важи за средина каде не се ретки појавите на убиства за одбрана на семејниот углед. Но, зачестеноста на случаите ги изненади дури и органите на прогонот, како и локалното население.
Минатата година во провинцијата Белучистан каде општеството функционира се уште преку племенски заедници, се регистрирани 49 такви инциденти, од кои 27 во Дера Мурад Џамали.
Алудин Килји, раководител на Фондацијата „Аурат“ што се залага за промовирање на правата на жените, смета дека големиот број убиства за наводна заштита на угледот на семејствата е последица на малиот број реализирани истраги и нарушениот правен систем.
Податоците на Комисијата за човекови права на Пакистан покажуваат дека секоја година илјада жени и девојчиња се жртви, убиени од нивни блиски роднини.