Кумановци од најголемите населби сè уште се без превоз и ќе чекаат да завршат законските процедури. Второстепената комисија од Министерството за транспорт и врски по поднесените жалби на дел од превозниците ја врати на повторно разгледување одлуката на првостепената комисија.
Информацијата ја потврди раководителката на секторот за комунални дејности, Лидија Ланг Спасовска на последната седница на советот на барање на советничката група на СДСМ. Таа додаде дека од страна на Комисијата утврдено е дека се исполнети услови за 19 линии, по поминување на законскиот рок, во процедура од осум дена, градоначалникот веднаш ги одобри 14 линии и тие почнаа да функционираат од 2 февруари, годинава.
– За четири линии, (3, 4, 5 и 8) од страна на незадоволни понудувачи беа доставени жалби до комисијата. Комплетната документација за водената постапка, заедно со доставените жалби беше доставена до второстепената комисија до Министерството за транспорт и врски и комисијата ги усвои жалбите на подносителите и предметите ги врати на повторно одлучување. По истите во моментов комисијата работи и во најбрз можен рок ќе се донесе одлука, рече Спасовска.
За останатите линии, според Спасовска беше распишан повторен оглас и за две линии има доставено де понуди, за кои има повторен оглас.
– Ниту еден понудувач не се јавил за линиите, Куманово-Шупли Камен, Куманово-Четирце, Куманово-Новосељане-Косматац-Мургаш, Куманово-Табановце и „Бајрам Шабани-Бедиње која е воведена како нова линија, истакна Спасовска.
Советникот од СДСМ, Александар Јовановски, кажа дека е можно процедурите да се одолговлечат и дополнително кумановци да останат без превоз. Тој посочи дека граѓаните од најголемите приградски населби како што се, Карпош, Доброшане, Зелен Рид, Гоце Делчев, Перо Чичо или околу 40.000 жители ќе останат уште месец-два без превоз, а праша и за ученичкиот превоз.
– Лага е ако зборуваме дека 80 проценти од линиите се покриени, мислам дека е обратна состојбата. Во делот на училишниот превоз, сакаме да се спомене дека градоначалникот преку медиумите испрати порака до директорите на основните и средните училишта самите да се снајдат во делот на законските можности. Тие треба да одат на јавна набавка, и тој рок истекува деновиве. Дел од училиштата повторно ќе останат без превоз, поради постапката која повторно е ненавремена и поради задоцнетите насоки од општината кон училиштата. До 4 март без бесплатен училишен превоз ќе останат „Перо Наков“ и дел од „Кочо Рацин“ училиштето, бидејќи на 9-ти март ќе биде отворањето на понудите, кажа Јовановски.
Тој обвини за фаворизирање на одредени превозници и нагласи дека не се почитува законот, решенијата од второстепенијата не се доставени до подносителите на жалбите и дека општинската комисија работи споро. Раководителката Ланг Спасовска негираше и рече дека е работено според законот, не е фаворизиран ниту еден превозник и дека јавната набавка за ученичкиот превоз оди паралелно со општинскиот.
Општина Куманово со над 100.000 жители е должна да организира линиски превоз кој со години функционираше. Последната јавната набавка доцнеше поради изборите, конституирањето на советот, на комисијата и новите методи според кои сега автобусите мора да имаат Еко 4 стандарди, да имаат повеќе тргнувања и заминувања.